Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија (НЗЕДМ) својата историја ја започнува уште на 26.05.1999 година, кога е донесена одлука за формирање на т.н. Дијабетолошка асоцијација на Македонија (ДАМ). Под тоа име започнува да работи официјално од 19.07.1999 година. Во наредните години здружението успешно функционира и со секоја наредна година се зголемува бројот на активности и настани, достапни за сите заинтересирани лекари.

Со текот на годините, увидена е потребата од промена на името, поради лимитирачкиот претходен назив кој се однесува само на дијабетесот, кој пак претставува само една нијанса во бројниот ендокринолошки спектар на болести. На 11.04.2011 година одржана е седница на здружението, на која е донесена едногласна одлука за промена на името на здружението во Научно Здружение на Ендокринолози и Дијабетолози на Македонија (НЗЕДМ), како и одлука за усогласување на Статутот со новите законски одредби. На истата седница е донесена одлука за отстапување и пристапување на основачи, па така основачи на НЗЕДМ се д-р Милчо Богоев, д-р Бранкица Крстевска, д-р Татјана Миленковиќ, д-р Чедомир Димитровски и д-р Саша Јовановска Мишевска.

Визијата на НЗДЕМ е едноставна и секогаш се стреми кон постојана стручна надградба и застапување на интересите на членовите. За таа цел континуирано се организираат и реализираат стручни состаноци и настани кои придонесуваат кон подобрување на клиничката пракса и воедно следење на најновите трендови на енокринологијата во светот. Актуелното претседателство се залага кон подобрување на превенцијата, усовршување на дијагностиката и зголемена ефективност на третманот на ендокринолошките болести и дијабетесот, преку бројните реализирани настани со меѓународно учество на експерти од областа на ендокринологијата и дијабетесот. Здружението го поздравува секој обид и секоја идеја за напредок како во клиничката пракса, така и во академската сфера. Секоја идеја ќе биде детално разгледана и доколку е изводливо ќе биде и поддржана. Целта на НЗЕДМ е поттик на неговите членови за нивен константен напредок и создавање на цврста подлога за идните генерации.